Македонските ракометари продолжија со подготовките за претстојниот светски шампионат, на кој ги очекува сериозен предизвик во групата во Краков против Норвешка, Холандија и Аргентина.
Десниот бек на Пролет, Томи Јагуриновски, го изнуди клучниот пенал во баражот против Чешка, а се очекува големиот борец да продолжи со добри игри и на натпреварите во Краков.
„Можам да кажам дека подготовките во Маврово ги одработевме одлично. Акцент беше ставен и на физичката и на тактичката подготовка на нашиот состав, тука добредојдени беа оние две средби со Црна Гора, а во новата година ќе почнеме и со анализа на противниците. Она што ми се допаѓа е што играме модерен ракомет, многу побрз од досега, со значителна динамика што сигурно ќе ја краси нашата репрезентација не само на СП во Краков, туку и во иднина. Сигурно дека секогаш ќе одиме на победа, иако групата во Краков е исклучително тешка. Норвешка е фаворит за првото место, а мое мислење е дека најлесен од трите противници ќе биде Аргентина, иако воопшто не станува збор за наивна селекција. Холандија е квалитетна репрезентација со искусни ракометари против која исто така можеме да играме, но најголеми шанси за успех гледам во мечот со Аргентинците“, изјави Јагуриновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

