Јакимовски е новиот лидер: Македонија моќно до стартна победа

Македонија импресивно ги почна оретквалификациите за Евробаскет 2029, лесно славејќи на домашен терен над Азербејџан со 87-49. „Црвено-жолтите“ ја оправдаа фаворитската улога, јасно е дека според реномето сме далеку пред ривалит во овие претквалификации (Азербејџан, Ирска и Луксембург), но демонстрирањето сила е најава дека знаеме како да ја оправдаме фаворитската улога во однос на овие противници и без многу мака да ја минеме оваа прва пречка на патот до Евробаскет 2029. Радува и што Андреј Јакимовски од првиот меч се наметна како лидер, покажувајќи одличен настап преполн со самодоверба по добрите игри на стартот од сезонава против Тренто.

Почетната минута миа во знакот на Андреј Јакимовски кој набрзина постигна пет поени, а дуелот беше израмнет до 5-5, по што Македонија презеде контрола над резултатот. Војдан Стојановски влезе во ритам и со шест поени во низа донесе водство од 15-8, но гостите со серија слободни фрлања намалија на 15-13. Јакимовски влезе во нова серија, Магдевски во 9. минута изнуди неспортска лична грешка, по штто поведовме со 20-13, резултат при кој промашивме две тројки за „плус десет“. Првата четвртина на крајот ја завршивме со 22-13, по поените на Зеќири на асистенција на Мур.

Инсистирањето на шут од далечина конечно вроди со плод во 13. минута, кога со тројката на Мекиќ стигнавме до првото двоцифрено водство на мечот (25-15). Гостинскиот селектор побара тајмаут при водство на Македонија од 29-15, но Македонија продолжи со доминацијата, поведувајќи со 33-15. По тројката на Ван Бек за 33-18 селекторот Илиевски побара тајмаут, следеше уште една тројка на гостите за 33-21, по што завршните две минути минаа во знакот нан нашите кошаркари, на одмор заминувајќи со убедливи 40-21.

Второто полувреме мина во израмнета игра во која имавме целосна контрола над резултатот. Во 26. минута со слободните фрлања на Зеќири стигнавме до првото водство од 52-32, а во финишот од четвртината блесна Јакимовски, па во последните десет минути влеговме со предност од убедливи 63-37. Последните десет минути беа рутина за македонските кошаркари, кои лесно го приведоа мечот до крај до конечните 87-49, со атрактивното забивање на Зеќири во последните секунди.

Јакимовски беше одличен со 25 поени и 11 скокови, на ниво беше и капитенот Стојановски со 16 поени и 11 скокови. Новиот Американец Омари Мур одигра скромно, ставајќи се во служба на колективот, завршувајќи го дуелот со шест поени, шест скокови и девет асистенции.

Следен предизвик за нашата селекција ќе биде гостувањето во Даблин против Ирска закажано за 30 ноември.

Се вчитува...