Јакимовски: Имав измешани емоции пред камбекот, среќен сум како игравме, на добар пат сме…

Андреј Јакимовски по здобиеното искуство во НЦАА се врати назад во Европа, одлично ја почна сезоната во Тренто, па полн со самодоверба блесна и на премиерниот меч од претквалификациите за Евробаскет 2029 во кој ја предводеше Македонија до убедлива победа.

Крилниот кошаркар реализираше 25 поени и 11 скокови, а по мечот не го криеше задоволството од сопствената игра и од целокупното издание на нашиот национален тим.

„Ова е прв добар чекор за нас во овој циклус. Влеговме како фаворити и го оправдавме тоа. Има уште многу до нашата посакувана цел и форма. Но како што кажав, ова е добар чекор кон тоа. Сме на добар пат и се надевам дека во наредните циклуси ќе бидеме комплетни, сите заедно и нашиот фокус е на Ирска. Мислам дека се работи за посилна селекција од Азербејџан и нашиот фокус е таму, од ден на ден да бидеме подобри. Овој период е доста краток, но мора да го искористиме за да се воиграме и запознаеме. Мур е одличен играч, го имаме и Вајли. Наше е да се подобруваме од ден во ден, и да го дадеме нашиот максимум.

Имав доста измешани емоции на кам-бекот во репрезентацијата. Сакав и претходно да играм, но поради некои оправдани причини не можев. Среќен сум што сум тука, ќе се јавувам на повикот на селекторот ако сум спремен и здрав. Задоволен сум и лично како одиграв, иако секогаш може подобро“- изјави Андреј Јакимовски.

Се вчитува...