Андреј Јакимовски ја имаше улогата на лидер во македонскиот национален тим на почетокот од овој претквалификациски циклус, а се очекува во ист ритам крилниот кошаркар да продолжи и на следните средби против Луксембург и Азербејџан.
Тој игра во топ-форма и во дресот на италијанскиот прволигаш Тренто, а Јакимовски по враќањето од САД без размислување ги прифаќа повиците да биде дел од репрезентацијата. Според Андреј, треба да се стори се за со две победи на следните две средби да се осигура првото место во групата и пласманот во главните квалификации.
„Мислам дека треба да продолжиме да ја градиме нашата тимска игра, нашата хемија. А сега, со помош на новиот селектор да го поставиме тој систем на игра. Краток е периодот за подготовка, ама мислам дека ќе успееме. Досега не сме играле со Луксембург. Имаат доста добри играчи, Очекувам добар натпревар, а нашиот фокус е само на нас. И да ја подобриме нашата игра како што го направивме тоа во претходниот циклус“ – истакнува Јакимовски пред дуелот со Луксембург, во петок во 18 часот, во салата „Градски парк“ во Скопје.
Воедно, Јакимовски обелодени и каков е почетокот на соработката со новиот селектор, Шпанецот Хозеп Марија Берокал.
„Супер сме. Како што селекторот кажа, сака брза игра, игра во транзиција. Поставиме неколку напади, поставивме и систем во одбрана, јасна е желбата да имаме брза игра. Навистина, периодот за тоа е краток. Не може да се постават повеќе работи во овие три-четири дена. Се надевам дека во наредниот циклус за време на летниот период ќе може да тренираме повеќе и селекторот да го постави својот стил на игра“ – потенцира Андреј Јакимовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

