Јакимовски: Очекувам „бум“ и на ЕП во Полска, златниот медал на Дарио е наша мотивација

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, ја израдува македонската јавност, а овој пат освои златен медал и стана нов балкански шампион на 3.000 метри во сала. На Балканското првенство во затворен простор (спортска сала), кое се одржа во саботата во Турција, Ивановски беше прв пред конкуренцијата, освојувајки златен медал.

Ивановски беше доминантен во својата трка, оставајќи го вториот натпреварувач речиси седум секунди зад него. Неговиот тренер, Игор Јакимовски, е посебно горд на овој голем успех, па тој изјави дека Дарио допрва ќе продолжи да руши рекорди, а за неколку денови повторно ќе се натпреварува на меѓународен митинг.

„Конечно Дарио го освои толку очекуваното злато на балканијадите. Со овој голем успех кој ни недостасуваше толку многу, ние сега ќе бидеме уште порастоварени, а верувајте дека веќе имаме екстра мотивација за нов резултатски бум. Веднаш се селиме во Белград каде Дарио ќе настапи на силен меѓународен митинг во среда (24.02.2021), на кој ќе настапи европската елита во атлетика, а потоа тој ќе се подготвува за настапот на Европското првенство уште шест дена токму во Белград“, изјави Јакимовски.

Дарио Ивановски потврди дека има голем потенцијал и квалитет, а неговиот тернер вели дека освојувањето на златниот медал дава надеж и мотивација плус за македонската атлетика, дека по долго верме нашата земја ќе има своја гордост и репрезентативец кој ќе гарантира светла иднина. Прва шанса за историски успех ќе биде Европското првенство, а Јакимовски вели дека припремите за овој спортски спектакл почнуваат деновиве.

„На Европското првенство во Полска, Дарио ќе настапи во полуфиналните трки за влез во финалето. Едно е загарантирано во овој настап. Исто како и во Истанбул, Дарио без никакви калкулации и тактизирања во цела група ќе појде во лов на моќен резултат. Иако знаеме дека во групата ќе биде тешко да се влезе во финалето, според сезонските најдобри постугнувања на европската елита, ние веруваме дека може да се случи да Македонија има финалист на Европско првенство, односно историски најдобро постигнување во македонската атлетика. Можеби и малку спортска среќа ќе ни биде неопходна во однос на другите групи, но како што напоменав, ние веруваме во финалето, инаку не би биле тоа што сме“, заклучи Јакимовски.

За потсетување, Европско првенство ќе биде одржано идниот месец од 4-ти до 7-ми март во Полска.

Се вчитува...