Швајцарија несреќно со примен гол во судиското продолжение против домаќинот Германија остана без првото место во групата А на ЕВРО 2024, но оваа селекција импресионираше со добрите изданија на овој шампионат.
Селекторот Мурат Јакин е презадоволен од она што го гледа од своите избраници на теренот, па полн со самодоверба го очекува претстојното осминафинале. Следен ривал на Швајцарците ќе биде актуелниот европски првак Италија, a Јакин испрати јасна порака до „аѕурите“.
„Да се плашиме од Италија? Искрено не гледам зошто, тие нека се плашат од нас… Не можам да кажам дека сме фаворити против овој ривал, но слободно можам да најавам дека сме доволно квалитетни за да ги победиме. По начинот на кој одигравме против Германија, нормално е полни со самодоверба да го дочекаме ова осминафинале. Ги анализиравме противниците, нивната тактика, едвај чекаме да излеземе на терен, подготвени сме за оваа битка“, изјави Јакин.
Дуелот меѓу Швајцарија и Италија на програмата е в сабота со почеток во 18 часот на Олимпискиот стадион во Берлин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА