Претседателот на кошаркаркиот клуб Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, потврди дека клубот ќе го напушти најелитното европско клупско натпреварување следната сезона доколку неговата суспезија не биде тргната. Јанакопулос пред извесно време доби 12 месеци забрана да присуствува на мечеви од Евролигата, па вели дека не само тој, туку и навивачите на ПАО се согласуваат со одлуката на шесткратниот европски шампион.
„Ние на крајот мора да најдеме заедничко решение, и покрај толку многу наши несогласувања. Се согласувам дека треба да постои респект од двете страни за да се решат сите недоразбирања, но според казната која ми ја изрече Евролигата и начинот на кој го направија тоа, не гледам дека ме почитуваат, ниту мене, ниту клубот. Најлошото што можеа да го направат, е тоа што испратија моја фотографија до сите безбедносни служби во спортските арени низ Европа во кои се играат евролигашните натпревари, со цел да ме спречат да влезам на настан организиран од оваа асоцијација, како да сум најголем криминалец, а не како почитуван човек кој вложува време, пари и енергија за доброто на овој спорт“, истакна Јанакопулос.
„Јас се согласувам дека Панатинаикос е потребен на Евролигата и ние треба да бидеме во ова натрпеварување во кое играат најголемите клубови во Европа. Но доколку казната не биде тргната, ПАО оваа сезона ќе учествува до крајот на шампионатот, а од следната нема да биде меѓу 16. екипи. И навивачите стојат зад оваа одлука. Ќе учествуваме во интернационална лига во која ќе не почитуваат, средствата кои ги вложуваме да не бидат залудно потрошени“, додаде Јанакопулос.
Оваа „војна“ е актуелна тема во просториите на ПАО, но првиот човек на грчкиот гигант најде време и да го потврди новото засилување во ростерот. Од Њу Орлеанс пеликанс пристигнува Мајк Џејмс, Американецот се враќа во редовите на „зелените“, по неуспешниот обид да направи кариера во НБА лигата. Џејмс ги бранеше боите на ПАО минатата сезона, одигра 25 натпревари во Евролигата на кои бележеше просек од 13 поени, три асистенции и два скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА