Раководството на Победа преку соопштение вечерва обелодени дека е донесена одлука за тренерска смена, со што Јане Николовски во иднина нема да биде шеф на стручниот штаб на прилепскиот второлигаш.
Причината е јасна, слабиот старт на сезоната во кој Победа во првите седум кола освои четири бода и моментно се наоѓа на 14. место на табелата, по што двете страни се договорија за прекин на меѓусебната соработка.
„Со ова соопштение, ФК Победа сака да информира дека, по взаемна согласност, клубот и тренерот Јане Николоски решија да го прекинат својот професионален ангажман. Клубот му се заблагодарува на Јане Николоски за неговата посветеност, труд и сите достигнувања што ги постигнавме заедно за време на неговиот мандат. Се надеваме дека ќе има успех во сите негови идни професионални потфати. Нашиот фокус сега е на избор на нов тренер кој ќе продолжи да го води тимот кон нови предизвици и успеси. Клубот останува посветен на својата цел да обезбеди најдобри услови за своите играчи и навивачи“, наведено е во соопштението на Победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА