Една од најголемите легенди на Вардар и македонскиот фудбал, Чедомир Јаневски во разговор за српски „Журнал“ се потсети на своите години во црвено-црниот дрес и најславните денови на Вардар кога во 1987 година ја освои шампионската титула во поранешна Југославија.
Неговите најславни играчки моменти се врзани со Вардар и со белгиски Бриж, а во тренерската кариера повторно со Вардар ги издвои најголемите успеси запишувајќи го досега единствениот голем европски успех на тимот, пласманот во групната фаза од Лигата на Европа во 2017 година.
„Како дете не можеш да знаеш што ќе избереш, што ќе ти понуди животот. Во училишните денови ги остававме училишните чанти дома и одевме на терен да играме со топка. Некои играа ракомет, некои фудбал, некои кошарка… Југославија беше популарна во сите спортови. На мојата улица имаше многу момчиња кои се интересираа за фудбал. Така еден ден се приклучив на пионерскиот тим на Вардар. Стадионот беше блиску до местото каде што живеев. Подоцна се преселивме во друг дел од градот, па на почетокот се откажав од фудбалот. Но, на 14 години почнав да тренирам во денешно Скопје, а првиот професионален договор со Вардар го потпишав во 1982 година“ – се потсетува Јаневски.
За првиот тим на Вардар настапуваше седум сезони со повеќе од 200 натпревари. Со Вардар ја освои и титулата во Југославија, незаборавни денови по кои Вардар станува засекогаш негов втор дом.
„Тогаш потпишавме договор на најмалку четири години. Љубовта беше пред парите. Вардар не беше моќен како Црвена Звезда, Партизан, Хајдук и Динамо. Сепак, луѓето го сакаа фудбалот и Вардар, а секој натпревар во Скопје го гледаа по 25.000 луѓе. Бевме одлична генерација, бевме шампиони на Југославија во 1987 година, иако таа титула подоцна судски, на хартија, беше одземена. Има многумина кои се уште веруваат дека е направена голема неправда кон Вардар“.
Црвено-црните се сретнаа со Порто во Купот на шампионите во 1987 година, еден од водечките тимови на континентот, но она што е важно е дека во Скопје се играше модерен фудбал. Каква моќна генерација млади луѓе.
„Таа генерација беше долго време заедно. Почнавме да се собираме уште од времето на Бобек. Некои дојдоа од Победа, некои од Битола, како Геогриевски, Савевски, Здравков, Трајановски. Од школата на Вардар се Панчев, Аврамовски, Бабунски… Од 1982 година постигнавме значајни резултати. Некои направија добри кариери преку Црвена звезда и Партизан и низа други клубови, како Панчев, Канатларовски, Најдоски, Станојковиќ, Савевски, Георгиевски, Сетинов… Тоа беа прекрасни времиња и одлична генерација во нив“ – се потсетува Јаневски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА