Тренерот на Вардар, Чедомир Јaневски, смета дека Вардар денес им подари бод на противниците, бидејќи неговиот состав имаше контрола над мечот, иако во вториот дел играа со играч помалку. Тој вели дека по исклучувањето на капитенот Бобан Грнчаров се почувствува нервоза меѓу играчите на Вардар, па затоа беше тешко да се стигне до погодок со кој ќе ги освојат сите три бода.
„Мислам дека денес им подаривме бод на Скопје, бидејќи имавме предност, а потоа примивме еден лесен гол, што е недозволиво за екипа каква што е Вардар. Теренот беше тежок и за двете страни, но мислам меѓу моите играчи проработи нервозата по примениот гол, па можеби затоа недостасуваше оној завршен чекор за да го вратиме водството. Иако имавме тотална контрола на средбата, моите играчи денес не изградија доволно позиции за да се заканат кон противничкиот голман. Дури и со фудбалер помалку, бевме подобри на теренот, но сепак не успеавме и резултатот да го насочиме во наша корист. По овие испуштени два бода мораме да одиме понатаму, да се подготвуваме за следните натпревари. По овие воведни мечеви од домашното првенство, моите играчи мора да се навикнат на секакви услови, да бидат повеќе фокусирани и да не подлегнуваат на надворешни фактори“, изјави Јаневски.
Тренерот на Скопје, Мите Митев, смета дека неговиот тим денес го заслужи тешко заработениот бод против македонскиот првак Вардар. Според прикажаното од фудбалерите на Скопје, Митев е презадоволен што го издржаа притисокот на гостите, и вели дека оваа екипа може и понатаму да изненадува поголеми противници во првенството.
„Во еден типичен натпревар за македонски услови, ние се надминавме самите себе. Презадоволен сум од овој резултат, моите фудбалери покажаа борбеност и голема желба за фудбал. Мило ми е што одиграа многу коректно и колективно, иако не прикажавме некакви технички квалитети. Имавме два или три добри удари кон голот на Гачевски, Вардар пак се обидуваше да постигне гол од полушанси. Сепак, ние успеавме да се одбраниме. Ете, се случи да го изненадиме и шампионот Вардар, како што го изненадивме и Пелистер во Битола. Сега треба да се подготвуваме за следниот натпревар, не очекува тежок дуел со екипата на Шкупи“, истакна Митев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА