Јанкулов: Се знае која е Шкендија, но Вардар секогаш оди на победа

Денеска целиот фокус на Македонскиот фудбалски свет е на комплексот Петар Милошевски во Скопје, каде што од 14:00 часот, лидерот во шампионатот Вардар, во рамките од новото 21. коло ќе го пречека бранителот на титулата Шкендија.

Вардар е лидер и домаќин има нијанса поголем притисок врз себе, што е сосема очекувано. Шкендија веќе го нема товарот на играње во Европа, па тетовци можат слободно да се фокусираат на домашните обврски.

Едно е сигурно дека денеска во Скопје ќе гледаме добар фудбал. Пред се поради фактот што се соочуваат двата водечки состави на табелата.

Вардар во оваа битка влегува по шокантната елиминација во Купот од Охрид и по ремито против Струга ТЛ во шампионатот на гостински терен. Од таборот на „црвено – црните“ велат дека по два меча без триумф, време е Вардар да се врати на победите.

„Денеска е дерби меч кој што може да го одлучи шампионатот. Ние се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Дополнителна мотивација нема да биде потребна, дресот на Вардар е сам по себе мотивација за секого. Противникот е анализиран, се знае која е Шкендија. Максимално сме подготвени и фокусирани на нивните јаки но и слаби страни кои што ќе се обидеме да ги искористиме. По два тешки меча, екипата е подготвена да се врати на победничките патеки и да заборави што се случуваше претходно. Денеска како и на секој меч одиме на победа, иако играме против одлична екипа како што е Шкендија“ – изјави Георгије Јанкулов.

Се вчитува...