Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од десет години се враќа на големите натпреварувања, откако од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора на Европското првенство.
Македонија се најде во тешка група заедно со репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. „Црвено-жолтите“ девојки ќе имаат многу тешка задача да ја минат оваа група, но целта е да се земе скалпот на некој од фаворитите.
Младиот лев бек на репрезентацијата, Ангела Јанкуловска за ЕКИПА.МК вели дека иако се аутсајдери во групата тие нема да се предадат против ниту еден противник.
„По Европското кое беше во 2008 година нашата генерација ја има таа среќа да игра на еден голем шампионат како овој. Се подготвуваме на различни начини, напорно тренираме ги анализираме натпреварите на противниците, добиваме совети од стручниот штаб. Атмосферата меѓу нас е одлична. Како што знаете на 5., 7. и 9. играме против Франција, Холандија и Романија. Меѓу овие земји ние не сме фаворити, но тоа не значи дека се предаваме пред време, сепак се работи за “игра”, топката е тркалезна не се знае пред време што ќе се случи. Нашата цел е да ја поминеме групата, најбитно е да изиграме со срце на терен, а останатото ќе си дојде само по себе. Јас верувам во овие девојки и знам дека можеме да го покажеме најдоброто што го знаеме. Се надевам дека на трибините ќе преовладува црвено-жолтата боја, боја за која живот даваме“, изјави Јанкуловска за ЕКИПА.МК.
Македонија шампионатот го почнува на 5. ноември со мечот против актуелниот олимписки шампион Франција. Два дена подоцна играме со Холандија, додека првата групна фаза ја завршуваме со мечот против Романија на 9. ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА