Данска и Словенија ремизираа 1-1 во првиот меч од својата група на ЕВРО 2024, воедно и прв натпревар на овој европски шампионат на кој беа постигнати помалку од три погодоци. Данците не успеаја да ја оправдаат фаворитската улога иако долго време имаа предност, па за пласман во следната рунда ќе мора да одиграат уште подобро на следните дуели со Англија и со Србија.
Словенците во грч го почнаа натпреварот, а данските фудбалери знаеја како да го искористат тоа. Кристијан Ериксен беше клучен човек во данскиот состав постигнувајќи прекрасен погодок за водство од 1-0, во првиот меч на ЕП на данскиот капитен по страшните сцени во Копенхаген пред три години кога Ериксен имаше срцев удар за време на мечот од ЕВРО 2020 против Финска. Данска продолжи да доминира во првото полувреме, но скандинавската селекција не стигна и до втор гол.
Хојлунд имаше одлична шанса за 2-0 во вториот дел, но Облак го запре неговиот обид и ја остави Словенија во живот. Како што одминуваше времето Словенците стануваа се поопасни по противничкиот гол, Шешко го погоди дирекот, Шпорар промаши зицер, за во 77. минута избраниците на селекторот Кек конечно да стигнат до израмнување. Јанша беше стрелец на израмнувачкиот погодок, откако топката закачи еден дански фудбалер и го измами голманот Шмајхел, завршувајќи во мрежата.
Данска тргна во офанзива во финишот, во игра влегоа Поулсен и Долберг, но „црвено-белите“ не успеаја да создадат шанса, камоли да постигнат втор гол, па полуфиналистот од последното ЕП денеска мораше да се задоволи само со еден бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА