Јанта Волеј со почетна победа во финалната серија од плејофот

Финалната серија во женска конкуренција стартуваше со напнат натпревар во пет сета, во кој екипата на Јанта Волеј стигна до победа од 3:2 (20:25, 25:19, 11:25, 25:20, 15:12) против бранителот на титулата Работнички Скопје.

Одбојкарките на Никола Јаневиќ покажаа голема истрајност и ја добија првата меч топка во серијата, иако постојано беа во позиција да бркаат резултат и да се враќаат од негатива од 0:1 и 2:1 во сетови. Работнички Скопје, пак, делуваше мотивирано и ја имаше иницијативата во поголемиот дел од натпреварот, но потфрли во клучните моменти и тоа скапо ги чинеше.

Факт е дека со исклучок на првиот сет во кој противниците играа егал, во останатите периоди од средбата двете екипи одиграа со големи осцилации. Работнички Скопје откако поведе со 1:0 во сетови имаше водство од 7:12 во вториот сет, но дозволи Јанта Волеј КВ да направи серија од 14-1, со која дојде до водство од 21:13, а потоа и изедначи на 1:1.

Во продолжението домашниот тим имаше несфатлив пад во играта, со низа технички грешки, додека Работнички Скопје ја имаше расположената Баталаковска која отвори со серија од 0-7. Актуелниот шампион доминираше во овој сет и со 11:25 поведе со 1:2. Јанта Волеј КВ се крена кога беше најпотребно за да остане во игра, водеше со високи 24:15 во четвртиот сет и ја искористи дури петтата сет топка за да го најави тај-брејкот.

Во решавачкиот сет Работнички Скопје водеше со 3:6, имаше 5:8 на промена на страните, односно 9:11, но кога беше најпотребно да остане мирен и да ја заврши работата докрај, како да застана. Се обиде Душко Деспотовски со два едноподруго тајм-аути да ги смири своите девојки, но не успеја. Јанта Волеј КВ изедначи на 12:12 со ас сервис на Мароевиќ. Бошковска со блок донесе водство од 13:12, а двете грешки на шампионот само им беа во прилог на одбојкарките на Јанта за прва победа на патот кон шампионската титула.

Мери Бошковска со 15 поени беше лидер на Јанта Волеј КВ, додека Баталаковска во редовите на Работнички Скопје со 23 поени беше најефикасна на натпреварот.

Вториот меч од финалната серија се игра на терен на Работнички Скопје,во малата сала „Борис Трајковски“ во вторник од 17:30 часот.

Се вчитува...