Кошаркарот на Минесота Тимбервулвс, Џо Инглс, зборуваше за можноста неговиот поранешен соиграч од Барселона и сегашен тренер на Фенербахче, Шарунас Јасикевичиус, наскоро да преземе клуб во НБА лигата.
Искусниот австралиски ветеран верува дека популарниот Шарас ги има сите предиспозиции да се обиде на другата страна од Атлантикот и дека не би бил изненаден ако веќе има конкретни понуди.
„Мислам дека би можел да тренира во НБА. Сигурен сум дека веќе има понуди“, рече Инглс во интервју за Мундо Депортиво.
Според него, Јасикевичиус можеби свесно одлучил да остане во Европа, каде што се чувствува најисполнет во улогата на главен тренер.
Со својот препознатлив тон, Инглс дури се пошегува и за темпераментот на литванскиот стручњак.
„Не мислам дека би можел да играм за него бидејќи е малку луд (се смее), но би можел да му бидам помошник на клуба“, рече тој шегувајќи се.
Двајцата делеа соблекувална во Барселона, а Инглс истакнува дека сè уште внимателно ја следи кариерата на Јасикевичиус.
„Го следам Фенербахче поради него. Го гледам неговиот квалитет, начинот на кој игра тимот и како сè е организирано“, вели кошаркарот на Минесота.
Тој особено го нагласи импресивното тренерско патување на поранешниот литвански плејмејкер.
„Тој ја освои Евролигата, напредуваше од Жалгирис во Барселона, а сега во Фенер. Неверојатно е, навистина е задоволство да се гледа тоа. Сè уште се слушаме, се допишуваме од време на време. Планирам да застанам во Истанбул и да го посетам кога ќе имам можност“ – вели Инглс.
Шарунас Јасикевичиус моментално се смета за еден од најпочитуваните европски тренери, а ваквите изјави од НБА круговите дополнително ја потврдуваат неговата репутација и потенцијалниот интерес на најсилната лига во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

