Една од нашите најдобри кошаркарки, Јелена Антиќ, вториот дел од оваа натпреварувачка сезона ќе го мине во Израел, откако потпиша договор со екипата на Макаби Ашдод, каде ќе остане до крајот на сезонава.
Антиќ ланската сезона настапуваше за Баскет Кам, новиот шампионат пак го почна во дресот на Вардар, но откако стигна нова понуда од странство таа се реши за ново интернационално искуство.
Ова ќе биде враќање на искусното репрезентативно крило во Европа, со оглед на тоа дека нејзиниот нов клуб игра во плеј-офот од ФИБА Еврокупот. Согласно со тоа и првите работни обврски ќе ги има веднаш по новогодишните празници, односно на 5. јануари за кога е закажан првиот од двата натпревари во рамките на елиминациите во ФИБА Еврокупот.
Потписот со Макаби Ашдод ќе биде само дополнение во интернационалната кариера на Антиќ, а во нејзината биографија се запишани српските клубови, Партизан од Белград, Радивој Кораќ, потоа следуваат Ман Филтер, ЦСУ Алба Јулија, Лулеа баскет, Висла Краков и Намур Капитале.
Интересно е тоа што ова ќе биде и своевидно „враќање“ на Антиќ во овој израелски клуб, чии бои ги бранеше и во сезоната 2014/2015.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА