Шпанија и Португалија го донесоа најубавиот натпревар во досегашниот дел од Светското фудбалско првенство, играјќи 3-3 во пресметката од групата Б во Сочи. Кристијано Роналдо постигна хет – трик за Португалците, но новиот селектор на „црвената фурија“, Фернандо Јеро, не би менувал ниту еден од своите играчи за да го има во својот состав.
„Роналдо одигра одличен меч, и по тоа што успеа да го стори, за нас и ремито е добар резултат. Губевме на полувремето, имавме потоа и водство од 3-2, но не сме разочарани, иако бевме поблиску до триумфот во завршницата. Сепак, верувам во своите фудбалери и најдоброто од Шпанија допрва ќе дојде на Мундијалот. Роналдо е врвна класа, но не би го менувал за никого од мојот тим. Де Хеа имаше слаб ден, но ние нема да го „обесиме“ поради тоа. Не гледаме на таков начин, сите сме ние Шпанија и кога победуваме и кога ќе примиме гол“, изјави Фернандо Јеро по синоќешното реми со Португалците.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА