Фернандо Јеро нема да продолжи да ја извршува функцијата селектор на Шпанија, сосема очекуван развој на настаните откако „црвената фурија“ беше елиминирана уште во осминафиналето од домаќинот Русија. Поранешниот капитен дојде на селекторското место неколку дена пред почетокот на СП, по неочекуваното заминување на Лопетеги, но не ги оправда очекувањата.
Не е сигурно ниту дали Јеро ќе се врати на функцијата директор на репрезентацијата што ја извршуваше пред да стане селектор, одлука што ќе биде донесена по изборот на новиот кормилар, најавена најдоцна до средината на август.
Како што јавуваат шпанските медиуми, во конкуренција за ова место се четири стратези, и тоа Луис Енрике, Мичел, Кике Флорес и Роберто Мартинез.
Луис Енрике со офанзивниот стил на игра е добра варијанта, но проблем се преголемите финансиски побарувања, од околу осум милиони евра по сезона. Мартинез се уште е селектор на Белгија, но по интересот од Шпанците кратко порача „во фудбалот никогаш не се вели никогаш“, не отфрлајќи ја опцијата за преселба на клупата на „црвената фурија“.
Мичел, кој е играчка легенда на Реал Мадрид и на репрезентација, е омилена опција за голем дел од јавноста, додека барем засега аутсајдер во трката е Кике Санчез Флорес, поранешниот тренер на Валенсија, Бенфика и Атлетико Мадрид, кој ланската сезона седеше на клупата на Еспањол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА