Јетон Беќири: Голема е разликата меѓу шпанската и македонската лига, ова за нас е едно добро искуство и школо!

Шкендија со пораз од 2-0 на гостувањето против Рајо Ваљекано во Мадрид дебитираше во своето прво учество во главната фаза од натпреварување во еден од европските купови.

Тренерот Јетон Беќири, по мечот истакна дека е задоволен од посветеноста на фудбалерите, верувајќи дека е собрано потребно искуство за следните дуели во Конференциската лига на УЕФА.

„Знаевме дека играме против многу квалитетен противник, од можеби најдоброто првенство во светот, и нормално со можностите што ги имаме, се обидуваме да го дадеме најдоброто од себе. Генерално, сум задоволен од посветеноста на играчите. Единственото нешто што останува за анализа е нашето лошо прво полувреме и начинот на кој ги примивме головите. Мислам дека во првото полувреме имавме многу почит кон противникот кој ни се наметна некако потсвесно, и поради лигата од која доаѓаат. Но, исто така, во однос на физичката подготвеност, во второто полувреме тимот беше подобар и во одбраната и во нападот.“

Беќири вели дека Рајо е еден од најсериозни кандидати и за освојување на Конференциската лига.

„Мислам дека е еден од најсериозните кандидати за ова натпреварување. Бидејќи доаѓа од многу силно првенство, како што е Ла Лига, а тимот на Рајо е тим кој треба да се почитува, особено поради начинот на кој игра фудбал, од офанзивен и агресивен аспект. Дефинитивно е тим кој обично игра фудбал со многу комбинации, брз и агресивен фудбал. Исто така, ќе прифатиме дека нивното ниво е повисоко од нашето и не сме навикнати да играме против овие тимови од ова ниво во нашите првенства, па дури ни во европските купови и мое мислење е дека и покрај поразот со резултат, денес стекнавме искуство и научивме како да играме модерен фудбал.“

За разликата меѓу шпанската и македонската лига…

„Мислам дека меѓу шпанскиот фудбал и македонскиот фудбал, поточно зборувам за шпанската лига и македонската лига, постои многу голема разлика во однос на нивото на игра и терените, кои се сосема различни. Но, ова е можност за нас да се соочиме со противник од ова ниво, која не ни се дава секој ден, и се надевам дека ќе ја искористиме на најдобар можен начин и дека во иднина ќе ни служи како многу позитивно школо“ – рече Беќири.

Се вчитува...