Шкендија запиша исклучително важна победа од 0-1 на гостувањето против Вардар во дербито од 21. коло во Првата македонска фудбалска лига, благодарение на голот на Љатифи во 65. минута.
На тој начин Шкендија се доближа на само еден бод од Вардар на врвот табелата, па донесе неизвесност во шампионатот во последните 12 кола.
Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири по мечот нагласи дека неговиот тим допатувал во Скопје по победа, и успеал во својата цел.
„Секако дека дербито го гледав како натпревар кој мораше да го добиеме. Дојдовме да победиме, и победивме. Не сум изненаден од победата бидејќи, искрено, ја очекував, се подготвувавме за неа, ја сакавме и сакам да им се заблагодарам на играчите за нивната посветеност. Иако за разлика од противникот, имавме само два дена да се подготвиме за натпреварот“ – изјави Беќири по мечот.
Шкендија сега има пет победи на последните пет натпревари.
„Задоволен сум од серијата победи во првенството. Сепак, сè уште не сум задоволен. Нашата цел е првото место, и затоа мора да останеме цврсто на земја, да се посветиме максимално на секој натпревар за да докажеме дека сме најдобри, бидејќи дури и птиците во Македонија знаат кој тим е најдобар. Но ние мора да го материјализираме тоа и на табелата.“
Беќири вели дека е задоволен што само за три дена од минус шест бода заостаток зад Вардар, дојде само на минус еден.
„Нормално сме во добра серија на резултати, а противникот направи грешки во последните два натпревари. Сега од минус 6 бода, се приближуваме на само еден бод и притисокот ќе биде врз противникот. Ние сме тим кој мора да работи напорно, имаме многу добра група фудбалери во која секој што влегува дава се од себе. Ротацијата е исто така присутна, како што можете да видите. Сакам да повикам на смиреност, на многу работа, на максимална посветеност од сите во клубот и нормално дека ќе бидеме целосно задоволни ако на крајот од првенството завршиме на првото место. Сè што се случува сега е само од моментот, но верувам дека ги имаме сите предуслови и можности да продолжиме со позитивни резултати.“
Победата се посветува на…
„Искрено сакам да ја посветам победата на навивачите на Шкендија, особено на „Балистите“ и на сите други, бидејќи Шкендија е бренд кој се следи дури и надвор од Македонија и сакам да им ја посветам на сите денешна победа.“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

