Со поразот од 5-1 во Баку кај екипата на Карабах, Шкендија се прости од шансите за пласман во плеј-офот во Лигата на шампионите, и продолжува во плеј-офот во Лигата на Европа. За влез во групите во второто по ранг клупско европско натпреварување, тетовскиот тим ќе се бори со бугарскиот првак Лудогорец, кој вчера загуби од Ференцварош на гости со 3-0, и така остана без пласман во групната фаза во Лигата на шампионите.
Јетон Беќири на вчерашната прес-конференција рече дека тимот ќе мора да го даде максимумот и на тие два натпревари, кои, според него, се на исто ниво како плеј-офот во Лигата на шампионите.
„Дефинитивно ќе се обидеме да го дадеме нашиот максимум во плеј-офот во Лигата на Европа, затоа што и тоа натпреварување не е воопшто на ниско ниво, и е блиску до Лигата на шампионите. Ќе дадеме се од себе на тие два натпревари. Исто така не смемее да го заборавиме ниту македонското првенство во кое мораме да бидеме фокусирани, за да не дозволиме да заостануваме на табелата за пласман на првото место. За нас ова е ситуација во која секој меч е нова лекција, и мораме да се стекнеме со драгоцено искуство од европските натпревари. Игравме шест меча во Лигата на шампионите, сега ни следуваат два во Лигата на Европа, а потоа уште осум во Европа, и ќе мора од секој меч да учиме“, рече Беќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

