Шкендија утре во Баку од 18 часот ја очекува реванш-дуелот од 3. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Тетовци имаат негатива од 0-1 по првиот меч во Скопје, но сепак веруваат дека може да се надигруваат со азербејџанскиот шампион во желбата да се дојде до позитивен резултат и пласман во следната рунда квалификации од ЛШ.
Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Јетон Беќири на денешната прес-конференција во Баку потенцираше дека никој од црвено-црниот табор не е со „бело знаме“ пристигнат во Азербејџан, па затоа неговиот тим ќе игра отворен и офанзивен фудбал на утрешниот натпревар.
„Мислам дека беше израмнет натпревар во Скопје против еден силен и опасен тим како што е Карабах. Имавме шанси за гол на првиот дуел, но не ги искористивме. Се надевам дека сега во Баку ќе биде поразлично што се однесува до нашата реализација. Знам само дека ќе игра агресивен и офанзивен фудбал со желба за гол уште во првиот дел, а што ќе донесе самиот натпревар ќе видиме“ – рече Беќири пред азербејџанските новинари, кои се интересираа и дали добил информации за тимот на Карабах од поранешниот македонски репрезентативец и екс-фудбалер на Карабах, Муарем Муарем.
„Многу добро знам дека Муарем има добри односи со Гурбан Гурбанов. Од етички причини не сакав да го злоупотребувам Муарем и од него да прибирам информации, токму поради неговите односи со тимот. Но, во денешно време нема што да се скрие, многу лесно се наоѓаат информации за секој тим“ – рече Беќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

