Јетон Беќири пред утрешниот меч со Самсунспор: „Да уживаме во Европа, не чека многу силен тим но ќе дадеме максимум!“

Шкендија за првпат во својата и во историјата на македонскиот фудбал носи европска пролет во Македонија. Македонскиот шампион утре од 21 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје го очекува првиот натпревар од плеј-офот во Конференциската лига на УЕФА.

Тетовци ги очекува пресметката против турски Самсунспор во желбата низ двомечот да се стигне до осминафиналето во Конференциската лига.

Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири вели дека ова е европски меч во кој треба да се ужива со оглед на тоа што неговиот тим се избори за европската пролет, најавувајќи битка за добар резултат.

„Се отежнија работите за нас затоа што противникот има нов тренер и тоа значи промена на игра. Меч кој треба да го чувствуваме, да уживаме. Да се игра во Европа во февруари е нешто спектакуларно. Ќе се бориме за добра претстава и за добар резултат“ – истакна Беќири на денешната прес-конференција во Скопје притоа дополнувајќи:

„Мислам дека Самсунспор е еден од поквалитетните екипи, но и најквалитетните, затоа што само една до две екипи се посилни од нив во ова натпреварување. На почетокот на мечот нема да знаеме со каква формација ќе играат затоа што кога еден тренер дебитира не можеме да знаеме. Но се надевам дека ќе дадеме максиумум и да бидеме борбени и трпеливи“.

Шкендија има и крајно згуснат распоред со кој ќе се бори овој период…

„Распоредот е згуснат, јас мислам дека имаме голем ростер и ќе ни излезат во пресрет за овие два меча. Треба да се бориме до последен момент, затоа што во наш интерес е да имаме што повеќе мечеви и да се преставуваме добро и како македонска екипа во Европа“ – вели Беќири.

Се вчитува...