Јетон Беќири: Успешни подготовки во Анталија, Шкендија е подготвена за пролетниот предизвик

Шкендија вчера ја затвори подготвителната фаза во Анталија, па тимот се врати во Тетово каде што ќе продолжи со работа до почетокот на пролетната полусезона на 10 февруари и дуелот против Струга во Тетово.

Шефот на стручниот штаб, Јетон Беќири позитивно ја оцени главната фаза од подготовките во Анталија, Турција, каде што „црвено-црните“, покрај тренинзите, одиграа четири контролни натпревари со сериозни тимови како што се Александрја од Украина (1-1), Подбрезова од Словачка (1-2), Сараево од Босна и Херцеговина (3-2) и Ордабаси од Казахстан (1-1).

Последниот натпревар, тренерот Јетон Беќири го започна со промени во формацијата и со одредени играчи кои играа на неприродни позиции, користејќи го мечот за тест на одредени ситуации…

„На последниот натпревар, решив да направам некои промени во формацијата и некои промени на позициите на некои играчи, бидејќи за време на првенството нормално се соочуваме со различни ситуации и некои играчи акумулираа многу минути за време на овие натпревари и сакав да избегнам ризик од повреди, замор и ситуации што потоа би го комплицирале нашиот тим пред почетокот на првенството“, вели Беќири, давајќи оценка за целата подготвителна фаза.

„Како подготвителна фаза, ја оценувам позитивно. Единствената негативна работа беше лошото време што преовладуваше речиси во текот на целиот наш престој во Анталија. Сепак, ова беше пречка за сите тимови што се подготвуваа тука. Важно е што ги одигравме сите четири контролни натпревари во добри услови, додека што се однесува до резултатите, добро е што имаме гол на секој пријателски натпревар. Нашата цел е да им дадеме минути на сите играчи и да инсистираме да немаме повреди. Единствената загриженост е лесната повреда на напаѓачот Ндзенгуе и голманот Гаје, кои го пропуштија последниот натпревар. Но, добрата вест е дека тие се приклучуваат на тимот на тренинзите и ќе бидат подготвени до почетокот на првенството.“

За тренерот Беќири, тимот е во задоволителна форма и е физички добро и покрај фактот што нашиот тим имаше најкратка пауза во однос на другите тимови поради Европа.

„Задоволен сум од реакцијата на тимот, и во физичка и во тактичка форма, мислам дека сме во добар момент, и покрај фактот што имавме помалку слободни денови поради нашата европска авантура што траеше подолго. Се надеваме дека ќе го започнеме првенството во вториот дел добро.“

Тимот ќе продолжи со работа во Тетово по враќањето, сè додека на 10 февруари дома не се соочиме со Струга во дуелот од 17. коло во Првата фудбалска лига.

„Мислам дека тимот е подготвен, не претрпевме многу промени во тимот, во последните денови ни се придружи Решат Рамадани, фудбалер кој е аклиматизиран во нашиот тим веќе неколку години и не му треба време за адаптација. Затоа верувам дека тимот е комплетен и подготвен да се соочи со шампионските, Куп и европските натпревари“, заклучи Јетон Беќири.

Се вчитува...