Шкендија продолжува со квалитетните изданија на стартот од сезоната во Првата македонска фудбалска лига издвојувајќи се на лидерската позиција и по последната победа од 2-0 против Пелистер пред своите навивачи.
Беќири е задоволен од изданието на своите избраници од кои очекува во континуитет да продолжат на ист начин и по паузата поради репрезентативните активности.
„Тоа беше натпревар на кој, за волја на вистината, од почеток до крај доминиравме. Мислам дека немавме соодветна брзина во ситуација кога противникот се бранеше концентриран во простор на речиси 30 метри од нивниот гол. Секако дека е потребна поголема брзина, но се уште не сме во посакуваната форма и очекувам во следните натпревари тимот уште повеќе да го подигне нивото на игра“ – вели Беќири притоа дополнувајќи:
„Но, дефинитивно, ако постојано доминирате, противникот ќе се измори и како последица на тоа ќе ја изгуби концентрацијата. Бидејќи цело време да се браните и да трчате без топка не е исто како кога имате контрола на играта. Задоволен сум од настапот на тимот на овие два натпревари, но верувам дека Шкендија мора да одигра многу, многу подобро“.
Сега следи двенеделна пауза во првенството.
„Секако, паузата доаѓа во вистински момент поради потребата да се подготват новите засилувања. И со Валон Ахмеди и Лиридон Латифи ќе бидеме посилен тим, но мора да бидеме многу внимателни со нивното активирање. Ова го велам затоа што имаа 3-4 месеци пауза и немаат играно фудбал од крајот на соодветните првенства каде што играа и не е многу лесно да ги имаш тие фудбалери во врвна форма. Среќен сум што тимот доминира, ова е многу важно, бидејќи Шкендија треба секогаш да доминира, имаме три победи и едно реми и во овој поглед не можам да бидам задоволен, бидејќи искрено очекував повеќе. Но, фудбалот ги има овие работи, се случуваат прекини, ние застануваме, застануваат и противниците и ова го прави првенството интересно. Има сериозни тимови во лигата и мора да работиме напорно, да останеме цврсто на земја и да чекаме фудбалерите да ја достигнат својата максимална форма, бидејќи недостатокот на соодветна физичка подготвеност или повреди влијаат на нивниот настап, и настапот на тимот. Верувам дека по некое време Шкендија ќе биде многу силен и конкурентен тим“ – вели стратегот на Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА