Јирген Клоп повторно е во фокусот на интересирањето на Баерн Минхен, откако раководството на баварскиот гигант го посочило токму овој стратег како свој идеален тренер за наредната сезона. Јуп Хејнкес веќе стави до знаење дека нема намера да остане на тренерската функција по мај, а баварците се надеваат дека тренерското прашање ќе го решат уште во текот на сезонава.
Клоп лани потпиша договор со Ливерпул до 2022 година, но според германските медиуми сега и самиот стратег сериозно би размислил за враќање во татковината, особено ако добие „понуда што не се одбива“ (каква што најавуваат од Баерн). Според весникот „Билд“, тој бил разочаран од острите критики при мини-кризата на Ливерпул сезонава, а во ситуација кога клубот се подготвува за продажба на Филипе Кутињо, и самиот Клоп почнал да се сомнева дека ќе може да ги оствари амбициите и да се вмеша во трката за титулата во следните години, кога клубот ги продава неговите клучни фудбалери.
Шпекулациите сигурно ќе продолжат и во периодот што следи, многу работи ќе зависат од резултатите на Ливерпул до крајот на сезонава, а баварскиот гигант во меѓувреме ќе ја следи и ситуацијата со своите преостанати две опции, Јоаким Лев и Џулијан Нагелсман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА