Јирген Клоп со став за Реал Мадрид и што мисли за отказот на Алонсо

Реал Мадрид одлучи да му се заблагодари на Чаби Алонсо по само половина година на клупата на првиот тим. Одлуката предизвика силни реакции, особено затоа што Алонсо штотуку го започна својот проект во Мадрид, без вистинско време да го стабилизира тимот.

„Кралевите“ привремено го именуваа Алваро Арбелоа кој е назначен за тренер до крајот на сезоната., но јасно е дека уште сега се размислува за нов стратег на клупата на Реал Мадрид.

Веќе се спомнува Јирген Клоп за кого се тврди дека од јуни би можел да го преземе кралскиот клуб. Ваквите информации дополнително ја разгореа имагинацијата на навивачите на Реал, кои во Клоп гледаат идеален лидер за новиот проект. Сепак, соништата брзо беа уништени.

Клоп во разговор за германски „Сервис ТВ“, јасно рече дека доаѓањето во Реал Мадрид не доаѓа во предвид.

„Реал Мадрид? Ред Бул е вистинското место за мене. Не ме интересира што се случува во Реал“, рече Клоп.

Германскиот стручњак моментално ја држи позицијата директор за спортски операции во системот на Ред Бул.

Со тоа, тој практично стави крај на сите шпекулации за неговото враќање на тренерската работа, барем кога станува збор за Мадрид.

Клоп накратко се осврна на ненадејното отпуштање на Чаби Алонсо.

„Ако тренер кој го докажа својот квалитет во Леверкузен мора да го напушти клубот по половина година, тоа покажува дека работите не се баш добри во клубот“, рече Германецот.

Оваа изјава дополнително фрла сенка врз настаните во Реал Мадрид и потврдува дека ситуацијата во клубот не е стабилна.

Се вчитува...