Српската фудбалска јавност се подготвува за селекторска смена, се поизвесно е дека Драган Стојковиќ ќе добие отказ по фијаското на ЕВРО 2024, а федерацијата според првичните најави ќе се сврти кон ангажман на странски тренер за нов кормилар на националниот тим. Најзвучното име што вчера беше поврзувано со оваа функција беше Јоаким Лев, германскиот стратег кој е без ангажман уште од 2018 година кога го напушти кормилото на националниот тим во татковината.
Нема сомнеж дека Лев со својата германска дисциплина би успеал да го крене српскиот состав, но од неговото доаѓање нема ништо, како што информира тиражниот германски весник „Билд“.
Неговиот одговор за „Билд“ е краток и јасен: „Не е вистина“, по што Лев додава и дека воопшто не бил контактиран со било кого од Српската Фудбалска Федерација.
Екс-селекторот на Германија во изминатите години одби бројни понуди од клубови и репрезентации, потенцирајќи дека следниот ангажман мора да биде проект што ќе биде апсолутно по негова мерка.
Во ситуација кога Србите имаат сериозен раскол во своите редови, неговото доаѓање кај нашиот северен сосед е практично невозможна мисија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА