Јокиќ донесе победа, но Србија сега има огромен проблем

Србија рутински стигна до втората победа на Евробаскет 2025 откако лесно славеше над Португалија со резултат 80-69. Многумина очекуваа убедлива победа од над 20 поени разлика, но Португалците се покажаа како цврст ривал, достојно спротивставувајќи му се на главниот фаворит за златото. Сепак, селекторот Пешиќ сега се соочува со огромен проблем поради повредата на Богдан Богдановиќ. Одличниот шутер се пожали на болка во пределот на задната ложа пред крајот на првото полувреме, а во вториот дел воопшто не се појави на теренот, па се очекува утре да биде познато за каков проблем станува збор и дали Богдановиќ ќе треба да паузира во наредниот период.

Мечот почна тензично, откако веќе во петтата минута Филип Петрушев заработи исклучувачка грешка поради удирање без топка на противнички кошаркар. Србија го контролираше резултатот, но избраниците на селекторот Пешиќ не успеваа да се одлепат како што тоа го сторија во првото коло против Естонија. На одмор се замина со предност од 43-33 што српските кошаркари рутински ја одржуваа. Јокиќ доминираше во рекетот, имаше помош и од Никола Јовиќ, но во последната четвртина додека Јокиќ не беше на теренот Србите повторно влегоа во серија грешки по кои противникот ја намали негативата под 10 поени (66-57 во 35. минута).

Аврамовиќ погоди тројка во вистински момент, Португалија дојде на „минус седум“ на минута и пол до крајот, но Добриќ со тројка стави печат на победата, на крајот изразена со конечните 80-69.

Јокиќ имаше 23 поени и 10 скокови за нецели 23 минути игра, а двоцифрен кај Србија беше уште Јовиќ со 18 поени. Најефикасни кај Португалија беа Брито со 22 и Вилијамс со 15 поени.

Србите утре во 17 часот ќе се сретнат со домаќинот Летонија, меч што Богдан Богдановиќ речиси сигурно ќе го пропушти.

Се вчитува...