Српскиот центар Никола Јокиќ уште еднаш потврди дека е ОЛ-стар квалитет и заслужено ќе се најде на „мечот на сите ѕвезди“, откако одигра фантастичен меч во триумфот на Денвер против Хјустон. Нагетс славеа со 136-122, а Јокиќ за 31 минута на теренот уфрли 31 поен со фантастичен ефект на шутот (12/15), а имаше и 13 скока и девет асистенции. Само едно додавање му недостигаше за да оствари нов трипл – дабл.
Денвер оствари двоцифрена предност уште на полувремето, а „ракетите“ не успеаја да одговорат се до самиот крај. Џејмс Харден запиша 30 поени и имаше девет асистенции, Кенет Фарид додаде 23 поени и шест скока.
Оклахома сити оствари триумф над Мајами (102-118). Пол Џорџ со 43 поени, седум скока и пет асистенции беше творец на триумфот, а значителна помош доби и од Денис Шродер, кој уфрли 28 поени.
Кајри Ирвин го предводеше Бостон до победа против Њујорк (99-113). Тој постигна 23 поени, а имаше и десет скока и шест асистенции. Селтикс се наоѓаат на четвртото место во Источната конференција, со скор од 33 победи и 19 порази.
Резултати НБА: Шарлот – Мемфис 100-92, Њујорк – Бостон 99-113, Мајами – Оклахома сити 102-118, Јута – Атланта 128-112, Денвер – Хјустон 136-122.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

