Никола Јокиќ ја разочара српската спортска јавност донесувајќи одлука да не настапува за својата репрезентација на претстојното Европско Првенство. Откако минатата седмица првиот човек на Денвер нагетс објави дека клубот нема да го блокира Јокиќ доколку центарот реши да игра на Евробаскет 2017 се очекуваше овој кошаркар да му се стави на располагање на селекторот Александар Ѓорѓевиќ.
Сепак, Јокиќ по долго размислување ја донел спротивната одлука, решавајќи да остане во САД и да работи на подигање на индивидуалните квалитети, како и на зголемување на физичката сила и мускулната маса. Како што јавува весникот „Спортски Журнал“, тој за својата одлука го известил селекторот Александар Ѓорѓевиќ, кој не го криел разочарувањето од ваквиот став на НБА-кошаркарот.
Со ваквиот развој на настаните, Ѓорѓевиќ остана без уште еден значаен адут во битката под кошевите откако претходно остана и без помошта на Бјелица. Проблемите се уште поголеми ако се знае дека за Србија нема да настапи ниту центарот на Олимпијакос, Никола Милутинов, кој ќе замине на НБА-кампот на Сан Антонио спарс заедно со Немања Дангубиќ.
Единствена добра вест за Србија е што за овој Евробаскет во националниот тим се враќа Марјановиќ, кој сигурно ќе биде од голема помош во ситуација кога Јокиќ и Бјелица нема да бидат во комбинација за настап.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА