Денвер врза серија од пет последовни победи со убедливиот триумф над Портланд од 127-99 на домашен терен. Предноста за победа, Денвер почна да ја гради веќе во воведната четвртина, а во вториот период направи клучна дистанца за успех, па потоа во второто полувреме екипите беа израмнети, но Портланд беше далеу од резултатска неизвесност. Во репризата на ланското полуфинале на Запад, Никола Јокиќ беше лидер во тирумфот со 29 поени и 11 скока, имаше една асистенција недоволно за нов трипл-дабл. Тој воопшто и не беше на теренот во последната четвртина со оглед дека неговиот тим имаше голема предност.
Демијан Лилард постигна само 21 поен што за него е драстично помалку во однос на претходните натпревари. Прекината е неговата серија од 30 плус натпревари која траеше од средината на јануари, а прекината е и серијата на Портланд од четири последовни победи. Се наоѓа една позиција подолу од плеј-оф местата во Западната конференција со вкупен биланс од 23-28. Денвер е на 35-16 на третата позиција во оваа конференција.
Лос Анџелес Лејкерс уште во првото полувреме направија предност за победа во пресметката со Сан Антонио, а потоа рутински ја одржуваа до конечните 129-102. Сан Антонио во еден момент од третата четвртина успеа да се врати на едноцифрена негатива, но веднаш реагираа Ентони Дејви, Леброн Џејмс и Кајл Кузма и го вратија тимот од Лос Анџелес на висока предност. Леброн средбата ја заврши со 36 поени, Дејвис и Кузма постигнаа по 18 поени. Кај Сан Антонио, прв стрелец беше Демар Дерозен со 28 поени. „Лејкерс“ се со биланс од 38-11 на врвот на Запад, Сан Антонио е десетти со ефект 22-28.
Убедливи победи забележаа и Милвоки и Хјустон. Водечкиот на Исток и во Лигата воопшто, Милвоки дојде до 43-та победа сезонава. Славеше во пресметката со Њу Орлеанс со 120-108, Јанис Антетокумпо постигна 34 поени, имаше и 17 скока. Хјустон тирумфираше во дуелот со Шарлот со 125-110. Џејмс Харден имаше 40 поени и 12 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

