Денвер поведе со 1-0 во серијата од првото коло од НБА плеј-офот против Јута откако воведната средба ја доби по продолжение со 135-125. „Нагетс“ беа апсолутно доминантни во дополнителните пет минути кои им припаднаа со 20-10. Џамал Мареј и Никола Јокиќ беа клучни за триумфот. Мареј беше лидер во екстра времето, постигна вкупно 36 поени, Јокиќ уфрли 29. Донован Мичел имаше неверојатна партија за Јута, но попусто постигна 57 поени со кои влезе во историјата на клубот како најдобар стрелец во плеј-оф натпревар надминувајќи го постигнувањето на Карл Мелоун од 2000 година со 50 поени.
Денвер имаше одличен влез во натпреварот и воведниот сегмент го доби со 31-25, минимално со поен предност ја доби и втората четвртина. Потоа следуваше пресвртот на Јута која предовдена од Мичел успеа да го добие сегментот со 31-19 и да внесе резултатска неизвесност во пресрет на завршните 12 минути. Во последната четвртина која беше крајно неизвесна, во драматичниот финиш, Јокиќ го промаши последниот шут за Денвер со кој можеше да донесе победа по што следуваа дополнителните пет минути.
Следниот натпревар од серијата е веќе по два дена. Победникот од оваа пресметка во следната фаза од плеј-офот ќе игра против подобриот од серијата меѓу Лос Анџелес Клиперс и Далас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА