Серијата од девет победи на Милвоки беше прекината синоќа, кога Адетокумбо и соиграчите на домашен терен загубија од Денвер со резултат 115-127. Денвер допатува без тројца стартери, имаше „минус 14“ во раната фаза од мечот, но благодарение на Никола Јокиќ гостинскиот тим успеа не само да се врати, туку и да го земе скалпот на најдобриот тим во Источната конференција.
Пресудна се покажа третата четвртина што Денвер ја доби со 24-40, преземајќи го водството и потоа контролирајќи го резултатот до самиот крај. На Јокиќ му недостигаше само една асистенција за нов трипл-дабл (15 поени, 10 скокови и девет асистенции), најефикасен кај Денвер беше Бартон со 24 поени, додека главна фигура во домашниот тим повторно беше Адетокумбо со 31 поен, 16 скокови и девет асистенции.
Далас без помошта на Лука Дончиќ не успеа да триумфира на тешкото гостување против Хјустон (128-121). Гостите благодарение на Порзингис (35 поени) неколку пати опасно се приближуваа, но немаа сили за целосен пресврт. Харден со 35 и Весбрук со 32 поени очекувано беа најефикасни во таборот на „ракетите“.
Торонто лесно славеше на дуелот во Детроит со 92-105, што е десетта победа во низа за актуелниот шампион.
Резултати НБА:
Детроит – Торонто 92-105, Бруклин – Чикаго 133-118, Хјустон – Далас 128-121, Њу Орлеанс – Мемфис 139-111, Милвоки – Денвер 115-127, Феникс – Оклахома 107-111, ЛА Лејкерс – Портланд 119-127.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

