Јокиќ повторно маестрален, нова 50-ка на Гилџус Александер

Оклахома Сити тандер останува водечки тим во Западната конференција откако „грмотевиците“ лесно и убедливо славеа над Феникс со 140-109. Во главна улога повторно беше фантастичниот плејмејкер Гилџус Александер, откако канадскиот репрезентативец одигра уште еден импресивен меч постигнувајќи 50 поени за Оклахома Сити. Рекордот на кариерата на Гилџус Александер е 54 поени, а интересно е што тренерот на Оклахома го повлече својот најдобар кошаркар од игра на девет минути до крајот и не го врати повторно на теренот, за канадскиот ас да испише нови страници во својата блескава кариера.

Бил постигна 23, а Букер 19 поени за Феникс, во овој убедлив пораз на „сонцата“ од најдобриот тим на „Западот“ оваа сезона.

Денвер врза четири победи во низа откако екс-шампионатот рутински ја оправда фаворитската улога против Њу Орлеанс, триумфирајќи со 144-119. Никола Јокиќ повторно беше незапирлив за противниците, српскиот центар стигна до дабл-дабл од 38 поени и 10 асистенции (имаше и осум скокови), а одлична партија за Денвер прикажа Портер, кој оствари рекорд на кариерата од 39 постигнати поени.

Ентони Едвардс со 49 поени ја предводеше Минесота до триумф над Чикаго, а Јута во неизвесна завршница го доби дуелот со Голден Стејт со 131-128 во кој трагичар беше Стеф Кари, промашувајќи положување што можеше да им донесе водство на гостите на 10 секунди до крајот.

Резултати НБА:

Атланта – Сан Антонио 125-126, Шарлот – Милвоки 102-112, Детроит – Кливленд 115-118,  Бруклин – Вашингтон 102-119, Филаделфија – Мајами 101-108, Торонто – Мемфис 107-138, Минесота – Чикаго 127-108, Денвер – Њу Орлеанс 144-119, Јута – Голден стејт 131-128, Оклахома Сити – Феникс 140-109, Сакраменто – Орландо 111-130.

Се вчитува...