Јокиќ: Сакам медал на Евробаскет, но фокусот прво е на квалификациите за СП

Никола Јокиќ по неколкугодишната пауза се врати во репрезентацијата на Србија каде се очекува да биде главниот играч на престојниот Евробаскет, но и дуелите против Грција и Турција во втората фаза од квалификациите за Светското првенство 2023.

Говорејќи за амбициите двократниот МВП на НБА лигата вели дека Србија цели на победи во квалификациите за Светското првенство, а потоа и освојување на медал на Евробаскетот.

„Одлично се чувствувам како и секој пат кога повторно ќе се видам со момците. Само што почнавме со подготовките па ќе видиме до каде сме. Прво мораме да се сконцентираме на натпреварите од квалификациите за Светското првенство за да избориме пласман на него па потоа ќе мислиме на Европското првенство. Нормално дека целиме да го освоиме, не целиме само да настапиме, но одиме ден за ден. Мораме да се подготвиме на вистински начин, да бидеме претпазливи и да не брзаме“, изјави Јокиќ.

Неочекуваните порази во првата фаза од квалификациите за Светското првенство ја доведоа репрезентацијата на Србија во лоша позиција па во втората фаза „орлите“ влегуваат со скор од само една победа и три порази и немаат право на грешка против Турција, Грција и Велика Британија.

Се вчитува...