Македонската кошаркарска репрезентација патува за Белград, каде утре и задутре нашите најдобри кошаркари ги очекува двомеч со селекцијата на Полска, како финални подготовки за квалификацискиот турнир за ОИ во Талин.
„Црвено-жолтите“ од оваа седмица се и комплетни, по доаѓањето на Ненад Димитријевиќ и на ТиЏеј Шортс, па селекторот Алек Јончевски за првпат имаше можност да ги види на дело заедно овие двајца плејмејкери.
„Нема сомнеж дека бековскиот тандем е извонреден и ќе биде наша главна сила на претстојните натпревари. Добро познато е дека Димитријевиќ и Шортс се исклучителни кошаркари, сакавме да видиме како изгледаат заедно еден крај друг и можам да кажам дека соработката им е на високо ниво. Имаме двајца врвни играчи кои можат да го пробијат рекетот и да создадат отворен шут за соиграчите, тоа ни отвора опција Војдан во одредени делови од мечот да игра на позиција три, на која одлично се снаоѓаше на она легендарно ЕП во Литванија“, вели селекторот Јончевски.
За разликата од бековите, главоболки на стручниот штаб му создава истенчената центарска линија, каде Јончевски на располагање ги има само Симиќ, Маслинко и Младеновски, кој пак во последните денови се жалеше на болки во грбот.
„Ситуацијата е таква каква што е, иако имавме проблем и да одржиме тренинг на највисоко ниво оние денови кога Младеновски не ни беше на располагање. Крстевски многу ќе ни недостига во центарската линија, верувам дека со колективна игра ќе успееме да го затвориме рекетот и да им ја отежниме работата на противниците во овој дел од играта“, истакнува Јончевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА