Алек Јончевски е изборот на раководството на КФСМ за нов селектор на репрезентацијата на Македонија, по очекуваното заминување на Драган Бајиќ од кормилото на националниот тим.
Станува збор за стратег што има освојувано трофеи со МЗТ Скопје, последен ангажман му беше како предводник на Гостивар, а Јончевски воедно има и долг стаж во репрезентацијата, како дел од стручниот штаб на селекторите Лазовски, Србиновски, Пипан, Давитков и на последниот кормилар Драган Бајиќ.
„Чест и задоволство е да се биде селектор на Македонија. Свесен сум дека пред нас е многу работа и се чувствувам подготвен за предизвикот. Она што можам да го најавам е дека нема да се откажеме од ниту еден играч во репрезентацијата. Оние кои од најразлични причини не беа дел на последните натпревари, ќе се разговара со секој од нив и искрено верувам дека комплетни ќе ги дочекаме овие претквалификации“, изјави Јончевски за ЕКИПА.
Неговиот претходник Бајиќ бараше американски плејмејкер во националниот тим, а Македонија најверојатно ќе биде без натурализиран играч на стартот од претквалификациите во август.
„Според она што го знам како информација, мали се шансите да биде договорено доаѓање на нов Американец во репрезентацијата навреме за средбите во месец август. Во координација сме со луѓето од федерацијата и сите даваат се од себе, но работите на ова пола се одвиваат бавно. Би било супер кога би имале и странско засилување од самиот почеток на претквалификациите, но јас сум оптимист дека и со исклучиво македонски играчи во составот можеме успешно да го стартуваме овој циклус“, истакна новиот македонски селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА