Јончевски: Имав и други понуди од Полска, но со Шлонск се договорив за пет минути…

Алек Јончевски веќе неколку дена е во Полска, каде почна со работа во својот нов клуб, Шлонск од Вроцлав, 18-кратниот полски првак кој се надева дека токму со македонскиот стратег на клупата ќе се вмеша во трката за највисок пласман.

Јончевски имаше можност да одржи и два тренинга со новата екипа, ако се знае дека веќе в петок го очекува дебито на гостински терен против Чарни Шлупск. Шлонск моментно се наоѓа на делба од 9. до 13. место со скор од три победи и пет порази, но македонскиот селектор верува дека може да ги сврти работите во позитивен правец.

„Амбициите се да се бориме за висок пласман. Веќе имав можност да ја запознаам екипата, но за жал имаме проблеми поради повредени играчи, и тоа со здобиени повреди на последниот дуел пред моеѓето доаѓање. Нема да биде лесно, ќе треба да минеме низ процес на консолидација, но верувам дека како екипа ќе се избориме за тоа и ќе бидеме кандидати за највисок пласман“, оптимист е Јончевски во изјавата за ЕКИПА.

Тој говореше и за текот на преговорите, но и најави дека дефинитивно ќе остане на чело на репрезентацијата на Македонија и за февруарскиот прозорец од квалификациите за Евробаскет 2025.

„Имав и други понуди од Полска, преговори што траеја по две-три седмици. Кога дојде повикот од Шлонск, можам да кажам дека се договоривме буквално за пет минути. Значајна заслуга има и Емил Рајковиќ, кој даде добра препорака за мене и помогна овој трансфер да биде реализиран. Договорот е загарантиран до крајот на сезонава, со можност за продолжување на уште една година, а во него има клаузула со која ми дозволувам да останам селектор во февруари 2025“, открива Алек Јончевски.

Се вчитува...