Македонската кошаркарска репрезентација го доживеа првиот пораз под водство на Александар Јончевски вечерва во словачкиот град Левице каде „црвено-жолтите“ загубија со 73-82 во квалификациите за Евробаскетот.
Според македонскиот селектор можноста за успех е пропуштена во текот на целата третата четвртина кога домашните ги казнија сите наши грешки.
„Чекорот со кој требаше да одиме кон успех го испуштивме на крајот на втората и цела трета четвртина, иако потоа имавме и негатива од седум поени во еден момент во последниот период кога можевме да одиме на минус четири со што резултатски ќе се вративме. Но, не успеавме“ – вели македонскиот селектор, притоа дополнувајќи:
„Факт е дека лошо го отворивме натпреварот, но и тоа дека некако се вративме во игра, и да поведеме. Меѓутоа од една непромислена, намерна лична грешка, во еден посед примивме дури шест поени, доволно Словачка да го врати водството. Во третата четвртина, не игравме така лошо, креиравме и имавме пет-шест отворени шутеви, но не ги искористивме, а Словачка нè казни преку расположениот Крајчовиќ, потоа и Бродзијански. Во последната четвртина, пробавме да смениме нешто во одбраната, да играме со ‘преземање’, и успеавме таа негатива да ја намалиме на едноцифрена. Но неколку одлуки, очигледни прекршоци, влијаеа на нашата концентрација. Со неуедначен критериум при досудување на личните грешки, во кој на наши реакции добивме две технички грешки, на клупа и на тренер, Словаците повторно ја преземаа контролата и успеаја да го одбранат тој наш последен обид да стигнеме. Останува да анализираме, онака, што се вели со ладни глави, и да одиме понатаму, кон Осло. Се заедно гледано, овде во Левице, имавме свои шанси кои не успеавме да ги реализираме“.
По шест одиграни кола, Македонија останува прва на табелата во групата „Д“, сега со ефект од четири победи и еден пораз, пред Словачка која заостанува една победа (3-1), и која во последниот круг на натпреварите има гостување во Данска.
Македонија во недела, од 18 часот, гостува на Норвешка, и во Осло ќе го затвориме патот во овие претквалификации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА