Кожув со извонредно издание успеа да го совлада тимот на Гостивар и да се израмни на делба на второто место на табелата со скор од 10 победи и четири порази. Влезот во Супер-лигата е обезбеден, но многу поважно за тренерот Алек Јончевски е што неговиот тим конечно успеа да слави во еден дерби-дуел, покажувајќи дека не само што може да се носи, туку знае и како да ги победи тимовите со кои допрва ќе се бори за највисок пласман.
„Цела сезона играме добра кошарка, но она што беше најважно е да научиме како да ги завршуваме натпреварите. Против МЗТ имавме добиен меч во Скопје што го загубивме, во Гостивар доминиравме три четвртини, па претрпевме пораз… Време беше да победиме посериозен ривал, го сторивме тоа со одлична игра, и покрај бројните проблеми со отсуства на неколку значајни кошаркари. Секако дека сум задоволен, но сакам да видам како ќе го одиграме следниот дерби-дуел со Работнички, кој ќе биде вистинско мерило за нашите амбиции во вториот дел од сезоната“, вели тренерот Алек Јончевски.
Последниот дуел со Гостивар заврши со пораз на тимот од Гевгелија, но за разлика од тој меч овојпат беше одиграна беспрекорна одбрана против Американецот Доналдсон.
„Во нападот максимално ги користевме оние ситуации во кои имавме предност, што не беше лесно ако се знае дека во тимот ги немавме, Пајиќ, Стајиќ и Трајковски. Клучна сепак беше нашата одбрана против Доналдсон, извонреден кошаркар што успеавме да го сведеме на само пет постигнати поени. Трениравме напорно во последните денови пред мечот и кошаркарите одлично си ја завршија работата“, изјави Јончевски.
Воедно, стратегот на Кожув најави дека овој клуб не планира да ангажира нови кошаркари до крајот на сезонава.
„Свесни сме дека ривалите за висок пласман се засилија во овој мини-преоден рок, но ние нема да го правиме тоа. За мене засилувања ќе бидат оние кошаркари кои поради повреда не настапуваа често во првиот дел од сезоната, но сигурно ќе ни бидат од помош во Супер-лигата. Тука е Лефкоски, наскоро ќе се врати и Бојан Трајковски, во ритам влегува и Зданавичиус, кој беше повреден извесно време. За следниот натпревар би требало во тимот да го имам и Стајиќ, има шанса да се врати и Пајиќ“, открива шефот на стручниот штаб на Кожув.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

