Јончевски: Натпреварот со Литванците во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за европско првенство

Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува квалификациите за Евробаскетот 2025 година со два дуели против Литванија.

Првиот од нив ќе биде одигран во четврток од 18 часот во СРЦ „Кале“, а за него селекторот Александар Јончевски нема да може да смета на Ненад Димитријевиќ поради клупските обврски кон Олимија Милано, натурализираниот Итан Хап, како и Андреј Магдевски кој се пожалил на повреда.

И покрај тоа селекторот Јончевски верува дека неговите избраници можат на тактички план да ги надмудрат фаворизираните Литванци и барем во Скопје да се забележа многу посакуваната победа.

„Еден од најважните два натпревари во овој квалификациски прозорец. Работите стојат така да мораме да победиме на еден натпревар за да ги задржиме шансите за пласман на следното европско првенство. Литванија е фаворит, тоа е една исклучително добра репрезентација поготово во последните неколку години. Репрезентација која не размислува за натурализација на играчи што говори за нивниот квалитет. Верувам дека натпреварот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за европско првенство“, вели Јончевски.

Литванија во овие квалификации покажа дека не е непобедлива, но поразот од Естонија ќе биде само мотив повеќе за балтичката држава да даде се од себе против Македонија.

„Притисокот е на нивна страна бидејќи и тие загубија еден натпревар против Естонија. Важеа за фаворити во групата пред почетокот на квалификациите, но Естонија покажа дека и самата е сериозна екипа. Со оглед на нивниот пораз во првиот прозорец картите им се отворени и ќе одат со максимален напор за забележат две победи“, додаде македонскиот селектор.

Се вчитува...