Јончевски: Не заслуживме да загубиме така убедлив, но фали игра под кошевите…

ЕКИПА во Клаипеда,

Стеван Цаневски

Селекторот Алек Јончевски имаше причина за задоволство од покажаниот карактер и играта во првите три четвртини, но за жал повредата на Димитријевиќ и големиот пад во завршницата придонесе дуелот во Литванија да го завршиме со незаслужено високи „минус 22“ (94-72).

Триесет минути целосно парирање, па дури и подобра игра во однос на големиот фаворит, но за жал остана во сенка на последните 10 минути што Литванците ги добија со преубедливи 30-10.

„Дадовме се од себе, покажавме карактер, начинот на кој игравме три четвртини ме направи горд на мојот тим… Иако овој натпревар заврши со поголема разлика од претходниот, покажавме поквалиететна игра, одговоривме на нивниот притисок и  три четвртини одлично им париравме . Она што можам да го заклучам од двата меча е дека ни фали игра под кошевите, ни фалат тие ситуации кога треба да го затвориме рекетот и да ги земеме промашените шутеви,но и со офанзивен скок да стигнеме до поени од втора шанса. Денеска имавме вкупно три скока од високите играчи, што е катастрофално за еден ваков натпревар“, изјави Јончевски.

Македонскиот селектор беше прашан од литванските новинари за својата изјава од Скопје, дека Македонија поседува повеќе кошаркарски талент од Литванија, а Литванците победуваат благодарение на својата физичка доминантност.

„Го реков тоа и стојам зад моите зборови. Би сакал да потенцирам, тоа се однесува само на овие состави на Македонија и Литванија, јас многу ја почитувам литванската репрезентација и кога би биле комплетни нивниот талент не би се споредувал со нашиот. Она што го реков беше за овие две селекции кои играа во моментов, се уште го мислам тоа“, истакна Алек Јончевски.

Се вчитува...