Македонската кошаркарска репрезентација со славје во Нествед против Данска ги започна претквалификациите за Евробаскетот 2025. Избраниците на Александар Јончевски беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, но на крајот се радуваа на победа со поените на Ненад Димитријевиќ од половина терен.
Шутот за три поени не беше во полза на нашите репрезентативци, но „црвено-жолтите“ беа на врвот на својата задача во одбраната, лимитирајќи ги главните играчи на противникот и сегментите од играта во која тој има предност. За тоа говореше и селекторот кој вели дека сепак време за славје нема, бидејќи веќе в недела следи средбата со Словачка.
„Работевме три недели за ова, од првиот ден од подготовките се спремавме само за овој меч за Данска. Од оние индивидуални карактеристики па се до најситните детали за противникот. Така и функциониравме на овој натпревар. Гледано индивидуално, во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер Љунберг да има само два поени реализирани во самиот финиш. Знаевме дека во второто полувреме повеќе ќе напаѓаат преку него, дека ќе биде ‘гладен за кошеви’. Колку можевме, на крајот кажува статистиката“, вели Јончевски кој потоа продолжи:
„Морам да напоменам и тоa дека многу голем дел од договарањето за тимска одбрана го спроведувавме одлично и во двата дела од играта. Да удвојуваме на низок пост, удвојување, сите барани детали ги реализиравме. Нормално имавме и грешки, но верувам дека во деновите кои следуваат ќе ги поправиме. Со моите соработници ќе ги анализираме за што поспремни да го дочекаме неделниот натпревар со Словачка.
Победата ја забораваме, што би се рекло, во секунда. Тоа веќе им го реков на играчите во соблекувалната, затоа што се ќе биде залудно, сиот овој труд вложен овде, ако не ја победиме Словачка во Скопје, славењето, макар и скромно, ќе биде во Нествед, и ќе биде доволно. Нè чека уште многу работа“.
Нашиот следен противник во првиот натпревар загуби на домашен терен од Норвешка со 68-87.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА