Јончевски: Чест е да се води Македонија, дури и во вакви околности…

Македонската кошаркарска репрезентација веќе пристигна во Тбилиси, каде утре со почеток во 16 часот ќе излезе на мегдан со селекцијата на Грузија, во рамките од третото коло од мундијалските квалификации.

„Црвено-жолтите“ се сериозно ослабени со неиграњето на Магдевски, Дамјан Стојановски, Стајиќ и Мекиќ на двомечот со Грузија, додека плејмејкерот Ненад Димитријевиќ ќе биде во кобминација само за втората средба што в недела ќе се игра во Скопје. Згора на тоа, селекторот Бајиќ доби позитивен тест на коронавирус, по што остана во Скопје, па Македонија на утрешниот дуел ќе ја води неговиот асистент во стручниот штаб, Алек Јончевски.

„Ни претстои исклучително тежок натпревар, не само заради квалитетот на противникот, туку и поради проблемите со кои се соочивме пред тргнувањето, како со повредените играчи, така и со отсуството на селекторот Бајиќ. Во секој случај, сигурен сум дека сите повикани ќе одговорат на задачите на највисоко ниво,. За мене лично предизвикот да се води националниот тим претставува огромна чест и одговороност, дури и при вакви околностите“, истакнува Јончевски.

Противникот е сериозна репрезентација со искусни кошаркари кои тешко можат да се запрат доколку влезат во својот препознатлив ритам. Ова пред се се однесува на Тадиус Мекфејден, американскиот бек што настапува за Мурсија, а кој своевремено го носеше и дресот на Карпош Соколи.

„Без разлика што селекторот не е со нас, ќе се обидеме да ја спроведеме замислата во одбраната, да ги запреме нивните главни играчи кои се во извонредна форма. Тоа се бекот Мекфејден и центарот Шермандини, кои настапуваат во најсилната европска лига, шпанската Ендеса. Верувам дека во нападот ќе ни се зголемат опциите со враќањето на капитенот Војдан Стојановски, што ќе влијае и на кревање на самодовербата кај сите останати репрезентативци. Се игра мини-лига систем каде што се важни не само победите, туку и секој поен, свесни сме за тоа и ќе одиграме максимално одговорно до последната секунда. Искрено се надевам на многу подобра игра на вториот меч со Грузија што ќе го играме на домашен терен, бидејќи ќе ни се приклучат и неколку стандардни првотимци кои поради оправдани причини (ситни повреди) не патуваат со нас во Тбилиси“, вели Јончевски.

Се вчитува...