Ацо Јоноски беше избришан од страна на Лино Червар, но искусниот дефанзивец со настапот на вечерашниот дуел само потврди дека се уште е исклучително квалитетен и има што да и понуди на македонскта ракометна репрезентација.
„Ми се јави селекторот и ме праша дали можам да дојдам. Имав некои обврски во Германија што морав да ги средам и затоа не настапив во Украина, но завршив се навреме за да се вратам овде и да помогнам за оваа втора средба во јунските квалификации. Сите знаевме што значи овој натпревар за нас. Јас посебно бев мотивиран бидејќи не бев повикан на последното СП во Франција. Не знам од кои причини беше тоа така, но еве се вратив, мислам дека ја оправдав довербата. Чувството да се носи репрезентативниот дрес е секогаш посебно. Никој во меѓувреме не ја зема деветката, остана за мене, моментот кога повторно ја облеков беше прекрасен“ – изјави Јоноски.
Тој уште еднаш ја покажа својата играчка големина, докажувајќи дека може да биде од голема помош за националниот тим, па за очекување е Јоноски да биде во комбинација и за настап на ЕП во Хрватска.
„Не можам да кажам ништо, треба добро да се размисли. Како што стојат работите, би сакал да играм и на следното ЕП во Хрватска. Сепак, сега не можам да дадам конкретен и дефинитивен одговор на оваа тема“ – порача специјалистот за одбрана во нашата национална селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА