Јонуз: Кога поведовме на Чаир знаев дека можеме да дојдеме до голема победа

После скоро две години, односно од април 2021 година, Шкупи претрпе пораз на домашен терен во првенствен натпревар. Последен пат Беласица славеше на гостување кај чаирскиот тим, иако натпреварот се играше на тренинг комплексот „Петар Милошевски“.

Скопје во неделата со три бода се врати од Чаир, и го направи можеби најголемото изненадување во пролетниот дел од сезоната. Со тоа го оддалечи Шкупи од одбрана на шампионската титула.

„Знаевме пред мечот дека играме против поквалитетен тим, но ја игравме нашата стандарна игра за да извлечеме нешто подобро. Кога дадовме гол знаев дека можеме да дојдеме до голема победа или најмалку до бод кој секако ќе ни беше драгоцен, а овие три се големи“, рече Јонуз и додаде:

„Нормално дека противникот направи шанси. Сепак, станува збор за екипа со добри играчи, во последните 15 минути бевме притиснати, но со многу борба, со дефанзива, крадење на време… се со цел да се заврши натпреварот. Благодарност до фудбалерите, ова е нивна победа. Морам да кажам дека имавме и малку среќа. Благодарност до домаќините за приемот и за фер и коректниот однос. Сега на ред е уште еден тежок натпревар против Струга Трим Лум. Ќе се бориме до крај, целта ни е да опстанеме во Првата лига“, кажа Јонуз, кој после 20 години се врати во македонскиот фудбал.

Се вчитува...