Јонуз: Лошо одигравме, потфрливме во сите сегменти

Шефот на стручниот штаб на Скопје, Мирсад Јонуз беше разочаран и самокритичен кон себе и кон својата екипа после поразот од Вардар со 3-0 во баражот за останување во Првата лига.

Јонуз кажа дека Скопје во секој сегмент од играта потфрлил, играл лошо и не одговориле играчите на тактиката.

„Тежок меч за играње, ние во секој сегмент потфрливме. После исклучувањето беше се решено, нема што повеќе да се коментира. Не одигравме добро, не одговоривме на тактика, на задачите. Ова беше најслаб натпревар на Скопје откако сум јас тука, еве веќе 12 натпревар. Самите сме виновни“, изјави за ЕКИПА Мирсад Јонуз.

За црвениот картон на Тодоров, Јонуз коментираше:

„Мислам дека судијата можеше да истолерира и да додели само жолт картон на ваков меч. Играчот го фрли факелот дали намерно или не, не можам да кажам. Но, одлуката на судијата беше катастрофа“, рече Јонуз кој не коментираше околу својата иднина сега откако Скопје се сели во второлигашката конкуренција.

„Не знам, ќе треба да седнеме со раководството и да разговараме“, изјави кусо шефот на струката на „пиратите“.

Се вчитува...