По објавата на ЕКИПА главно темелена на целокупниот очигледен хаос кој владее во организацијата на Медитеранските игри во Алжир а за кој не треба посебни сведоци, со демант до нашата редакција извесен Јордан Тасевски кој од своја приватна електронска пошта вели со текстот се нарушува ‘обединетата атмосфера на целиот македонски тим која е на највисоко ниво како никогаш досега’.
Во својот демант Тасевски истакнува дека „на нашите спортисти им треба сега мир и искрена поддршка а не лов на прегледи со лажни вести и сензационализам“, а притоа очигледно игнорирајќи го фактот дека и текстот на ЕКИПА е исклучиво темелен на потребата токму да се обезбеди неопходниот мир и организациски ред за македонските спортисти во интерес на нивните спортски успеси.
И самиот текст не е чисто авторско видување на нештата, туку врз основа на реакциите, како што во истиот се посочува, од македонскиот ракометен табор кои токму пред значајниот дуел со Шпанија го имаа најголемиот организациски немир.
„Ве информираме дека Вашата непоткрепена објава за гореспоменатото е неточна и крајно тенденциозна.
Со ваква објава за македонската делегација составена од 114 учесници во Оран се нарушува обединетата атмосфера на целиот Македонски тим која е на највисоко ниво како никогаш досега. Досегашните натпревари кои се одржаа беа во целост координирани и поддржани од тимот на Македонскиот Олимписки комитет (МОК), со тоа што истите се присутни на секој тренинг и натпревар на сите спортови. Справувањето со техничките недостатоци и целокупното фукнционирање на Медитеранските игри (МИ) Оран 2022 апсолутно нема никаква поврзаност со МОК кој најпрофесионално се справува со сите потешкотии кои ги имаат нашите спортисти и нивните раководства кое трае од самиот почеток. Ве молиме во иднина Вашите новинари да се однесуваат професионално, да не објавуваат непроверени, лажни и неетички информации. Сигурни сме дека овие дезинформации нема да имаат влијание врз резултатите на нашите спортисти.
Зад овој демант стои целокупната Македонска делегација составена од спортисти и официјални лица, учесници на овие МИ Оран 2022. На нашите спортисти им треба сега мир и искрена поддршка а не лов на прегледи со лажни вести и сензационализам“ – се вели во демантот испратен до нашата редакција кој е без никаков потпис дека се работи од МОК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА