Јорданчо Давитков е назначен за нов селектор на машката кошаркарска репрезентација на Македонија. Враќањето на Давитков на македонската клупа што го најави ЕКИПА, денеска доби и официјална потврда од Макеоднската кошаркарска федерација.
Македонскиот стратег своевремено го наследи Марин Докузовски на клупата на националната селекција во 2001 година. По серијата неуспешни обиди на макеоднската репрезентација да се пласира на континенталното првенство, Давитков успеа да го направи тој ќчекор со националниот тим во 2005 година кога обезбеди место во Дивизија А. Неуспешните квалификации за Евробаскет 2007 беа причината поради која Давитков одлучи да го отстапи селекторското столче за да повторно седне на истото, десет години подоцна.
„Бев селектор од 2001 година до 2007 година, за моја среќа или несреќа, во еден од најтешките периоди на македонската репрезентација. Тоа беше период кога поради суспензијата од страна на ФИБА се натпреварувавме во Дивизија Б. Успеавме да се вратиме во Дивизија А што можам да кажам дека тоа беа темелите за сите понатамошни успеси. Овој период ме потсетува токму на тој период, време кога треба да се вратиме на местото што ни припаѓа, а не каде што сега се наоѓаме. Се надевам, со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и до федерацијата дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое и прилега. Сакам да и се заблагодарам на МКФ за укажаната доверба во мене за повторно да бидам селектор“ – истакнува Давитков.
Новиот македонски селектор повторно ја презема репрезентацијата во тежок момент, но со оптимизам гледа во перспекитите на македонската репрезентативна кошарка.
„Никогаш кога било тешко во македонската кошарка не сум се повлекувал настрана. Нè чека сложена задача, но кошарката е мојот живот и без двоумење ја прифатив понудата да бидам селектор. Можев да се повлечам, да пијам сок на некоја плажа во Дубаи, но никогаш не се повлекувам пред предизвикот. Одиме чекор по чекор, првин да ги поминеме претквалификациите, а потоа ќе гледаме да продолжиме со работата“ – вели новиот македонски селектор.
Давитков на клупата на македонската репрезентација доаѓа по неуспешната селекјторска епизода на Србинот Драган Раца. Иако веќе неколку години работи надвор од Македонија, тој сепак, добро ги познава македонските играчи и по екипирањето истакнува дека прва цел ќе му биде да го врати духот и победничката атомсфера во националниот тим.
„По десет години репрезентацијата е многу промената, но ги познавам речиси сите играчи. Во прво време би се фокусирал да составиме екипа од тие играчи кои ни се на располагање и да видиме кој сè би играл. Потоа откако ќе ја составиме нè чека напорна работа ова лето. Мораме да ја вратиме и атмосферата која владееше во тимот пред десет години. Иако во тоа време финансиските средства не беа многу големи, но имаше една вистинска атмосфера која ја красеше репрезентацијата и како прво би сакал да се врати таа хемија и со една добра работа да видиме колку најмногу може да дадеме од себе. Без некои ветувања, но се надевам дека ако ги постигнеме овие три фокуси сигурен сум дека резултатите нема да изостанат. Во најбрз можен рок ќе гледаме да се комплетира стручниот штаб. Преговорите одеа брзо, а се надевам така ќе биде и со стручниот штаб. Не очекувам пречки поради тоа што директно не сум инволвиран во македонската кошарка. Клубовите и играчи ги следам и од овде, од Дубаи така да не гледам некој посебен хендикеп заради тоа што во последните неколку години не сум таму. Најважно е да се состави најдобрата можна екипа што ја имаме, со добра работа и со добра атмосфера да се подготвиме и да ги пречекаме овие претквалификации“ –нагласува Јорданчо Давитков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА